Безбедносната состојба во Израел, сѐ уште останува сложена. Состојбата во и околу Тел Авив, како и поголемите градови во Израел и делот на Западниот брег иако без воени операции останува напната. Меѓународниот аеродром во Тел Авив е во целосна функција и од таму сѐ уште оперираат редовните комерцијални летови, како и посебните чартер летови; но бројни авио компании низ светот во најголем дел ги одложија редовните линии со што редовниот авио превоз е отежнат, велат од Министерството за надворешни работи околу состојбата во Израел и евакуацијата на нашите граѓани.
Преку различните транспортни канали, во текот на вчерашниот ден 20 наши државјани го напуштија Израел, додека бројката на пријавени граѓани кои сакаат да заминат надмина 100.
Се наведува дека во овој момент поголемиот дел од овие граѓани се наоѓаат на локации кои се сметаат за безбедни, а околу дваесетмина од нив, веќе имаат обезбедено билети за некои од комерцијалните редовни или чартер летови кои се на располагање.
-Неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни; нашата амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома.
Министерството за надворешни работи изготви детална анализа и проекција на сите можности кои ќе ги презентира пред Владата, која потоа ќе одлучува за натамошните чекори кои ќе бидат преземени.
Како што претходно објавивме, според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378
Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје, соопштуваат од МНР.