Татко (54) и тројца синови (22, 25, 28), по потекло од Македонија, се уапсени по престрелка со босански државјани во виенскиот град Флорисдорф, пишуваат австриските медиуми.
При престрелката, босанските државјани биле ранети и пренесени во најблиската болница. Со нив бил и еден ирански државјанин, кој исто така бил ранет.
Како што пренесуваат босанските медиуми, тројцата ранети нивни граѓани, на возраст од 22, 26 и 27 години наводно се браќа или се во блиско сродство. Сите повредени се надвор од животна опасност.
Иако првично било објавено дека се уапсени четворица државјани на БиХ, приказната во меѓувреме добила поинаков тек откако полицијата подетално го истражила случајот.
Според првите резултати од истрагата, до пукањето дошло по тепачка на улица поради долготрајни расправии меѓу овие две семејства. Наводно, се дознало дека мотивот за пукањето е всушност жена, односно конфликт за жена, изјавил портпаролот на тамошната полиција Маркус Дитрих. Како што се пренесува, за кавгата меѓу двете семејства наводно се зборувало и претходно на социјалните мрежи.
Инаку, сторителите се фатени во близина на местото на настанот само 90 минути по пукањето. Во големата бркотница учествувала и австриската специјална единица Кобра. Осомничените побегнале со два автомобили кои биле паркирани во близина на зграда во Флоридсдорф.
„Ова овозможи да се добијат информации кои довеле до локацијата на осомничените сторители“, изјавил Дитрих, пренесува „Nezavisne“.