Поранешниот министер за здравство и потпретседател на Алтернатива, Беким Сали беше сослушан на денешната седница на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за онкологија. Тој истакнал дека за време на неговото раководење со Министерството, како една од мерките за работењето на клиниката побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на клиниката кој бил побаран од него, и назначување на новата директорка Вилоета Клисарова.
Прашања до поранешниот министер за здравство поставија пратениците Мартин Костовски, Гордана Силјановска Давкова, Арбен Зибери, Јованка Василевска, Тони Јаревски, Драган Ковачки, Зоран Коцевски, Александар Вељаноски, Даниела Марковска и други пратеници, кои се однесуваат на преземените мерки на МЗ за време додека Сали бил министер за здравство, набавката на лековите, начинот на терапиите, обезбедувањето на истото, надзорот на министерството во врска со случувањата во Клиниката за онкологија, комуникацијата на министерството со Владата и кои биле преземените акции за време на неговот раководење со министерството.
Покрај Сали, на денешната седница треба да биде сослушан и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Претседателката на Анкетната комисија за случајот на Клиниката, Рашела Мизрахи посочи дека како политичка партија поднеле дури 44 сведоци кои ќе треба да сведочат.
Комисијата ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.
Анкетната комисија е формирана откако во јавноста беа објавени информации за злоупотреба на терапијата за пациенти болни од рак, за што истрага отвори и Јавното обвинителство. Пациенти болни од рак и нивните семејства секој понеделник протестираат и бараат правна разврска на случајот.