Судот денеска донесе решенија со кои за 10 обвинети во случајот „Моќник“ постапката се запира заради застареност, додека за тројцата обвинетите Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски судењето за кривичното дело „измама“ продолжува.
-На денешната главна расправа за предметот со КОК бр. 2616/20 од познат како „Моќник“, надлежниот јавен обвинител кај 10 од обвинетите изврши преквалификација на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.2 вв со ст.1 вв со чл. 22 од КЗ во чл. 353 ст.1 од КЗ и согласно одредбите од чл. 107 и чл. 108 од КЗ побара примена на поблагиот закон, информираат од Основен кривичен суд Скопје.
Судот, постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител и согласно одредбите од КЗ донесе решенија со кои за обвинетите постапката се запира заради застареност, додека за тројца од обвинетите – М.М., М.В. и А.М. судењето за кривичното дело „измама“ од чл. 247 ст.4 вв ст.1 вв со чл. 22 од КЗ продолжува на следната расправа насрочена за 9 и 28 ноември 2023 година во 10:00 часот.
Милошоски во овој случај се товари за делата измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања седат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и осум нејзини члена. Една од членките на оваа комисија, која беше обвинета, во меѓувреме почина.
Предметот се однесува на продажна на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.