Ненадејно почина комичарот и имитатор Војче Китаноски

од Nikola Popovski
497 прегледи

Почина познатиот комичар, сатиричар и имитатор Војче Китаноски (68). Негови колеги и пријатели се збогуваат со него на социјалните мрежи.

Китаноски е роден во 1955 година во селото Крапа, Македонски Брод. Завршил гимназија во Кичево, а студирал на Шумарскиот факултет.  Бил дипломиран шумарски инженер, а имал и лиценца за туристички водич. Тој речиси 50 години беше активен на македонската јавна сцена.

Неговата кариера беше неколкудецениска, а публиката ја забавувал уште од своите студентски денови. За себе велеше дека е првиот стенд ап комичар во поранешна Југославија.

По игра на случајноста, во 1983 година во Штип, менаџерот на Мики Јевремовиќ го ангажирал да гостува на сите десетина концерти на познатиот пејач во Македонија, што за него била голема отскочна штица. Подоцна Јевремовиќ го ангажирал да го придружува и на концерти низ поранешна Југославија и на некој од нив го забележал менаџерот на Тома Здравковиќ.

На Денот на независноста, 8 Септември во 2017, тој пред Владата ги пречекуваше граѓаните облечен како Тито.

Во 2020 ја водеше „Историската тура со маршалот“ околу објектите и наследството од југословенскиот период во организација на Град Скопје.

Засега се уште нема официјални податоци кои се причините за смртта.