Уставниот суд информира дека се оформени два предмета по поднесени иницијативи, во кои е оспорен Законот за данок за солидарност во целина.
Oва, како што велат од Судот, значи дека Уставниот суд допрва ја почнува постапката и ќе ги испитува наводите во двете иницијативи.
Иницијативите се поднесени од Финмак ДОО, Скопје преку адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска и од Стопанска комора на Република Северна Македонија преку адвокат Игор Спировски.
-На прашањето дали Уставниот суд ќе донесе времена мерка за да го стопира спроведувањето на законот, информираме дека согласно Деловникот за работа во оваа фаза од постапката, Уставниот суд не одлучува одделно само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во врска со предметот, истакнуваат од Судот.
Стопанска комора уште обвинува дека не постои пример во светот каде „се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и дестимулира“. Според комората, законот е комплетно погрешно ориентиран и само ќе ги оштети тие што веќе си ги исполнуваат даночните обврски.
Според Министерство за финансии, пак, станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза и ќе носи само позитивни ефекти.
Во однос на измените на Законот за ДДВ, според министерството, се врши усогласување со Директивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери.
Но, овој закон носи и други измени, како што е намалување на ДДВ за нови станови од 18 отсто на 5 отсто и тоа за првите пет години по изградбата. Ќе има намалување на ДДВ на 10 отсто и на прехранбени производи што не влегуваат во основна храна.