Поранешниот министер за здравство Венко Филипче и актуелниот Фатмир Меџити денеска ќе бидат сослушани пред Анкетната комисија за скандалот во Онкологија. Претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи најави дека денеска прв ќе одговара Филипче, и оти потоа ќе зборува Меџити.
Претходно пред Анкетната комисија, која треба да ја утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, беа сослушани ексминистерот за здравство Сали и министерот за внатрешни работи Спасовски.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески пред неколку дена соопшти дека е можно во некоја од соседните земји да има вештачење за случајот „Онкологија“. Тој потврди дека соработката со Косово и Албанија е се уште во рамки на размена на информации, но што ќе покаже таа соработка, засега е отворено прашање.
Според Јовески, неблагодарно е да се прогнозира кога ќе има конкретен обвинителен акт. Многу поважно е, нагласи, да се дојде до вистината, односно до релевантни податоци – кој што направил во конретното дело.
За скандалот на Онкологија, Јавното обвинителство се уште води истрага. Обвинителството заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) на 1 септември изврши претреси на Клиниката за онкологија и на уште два приватни станови. Се постапува откако медиуми отворија сомнежи оти на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, тие добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.