ВМРО-ДПМНЕ: Министер со плата од 2000 евра јаде цел ден за 100-тина денари

од Nikola Popovski
156 прегледи

Додека народот се тоне во сиромаштија поради високата инфлација, а власта вели дека тоа било така секаде, во владините бифеа цените стојат замрзнати и тоа на минимум, обвинија утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека еден министер со плата од 2000 евра јаде цел ден за 100-тина денари, а еден работник со минималец јаде месен нарезок по поскапи цени.

-Студентите нека се чудат што да јадат, пензионерите нека се борат секој ден дали да купат леб или лекови, ама затоа министрите ќе се гоштеваат по екстра ниски цени. Ако четврт бурек, ѓеврек и јогурт стануваат луксуз за народот, затоа што треба за него да одвојат околу две евра, во владините бифеа за истите пари кркаат сланина на скара (за 110 денари) или вешалица од свинско каре (за 135 денари), стои во партиското соопштение.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вчера објави мени со храна на социјалните мрежи. Според тоа што може да се види, пилешка чорба во владиното бифе е 60 денари, омлет со свинско 65 денари, сланина на скара 110 денари вешалица од свинско каре – 135 денари.

Исто така според менито, копан со ориз е 100 денари, грав со сланина 150 денари, тост со свински врат 75 денари.