Го видов претседателот Путин, немавме билатерална средба, разговаравме накратко, тој имаше важна и долга средба со Си, изјавил српскиот претседател Александар Вучиќ за српските новинари во Пекинг, каде што учествува на меѓународен економски и политички форум „Појас и пат“.
„Видов дека тој (Путин) пука од самодоверба“, рече Вучиќ и додаде дека видел оти рускиот претседател имал долги разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Претседателот на Србија напоменал дека и тој самиот разговарал со Орбан, но за претстојната седница на Европскиот совет „што е важна за нас“ и „игрите кои се играат тука“.
Тој го спомна Путин во одговорот на прашањето на новинарката на ТВ Пинк.
Вучиќ оцени дека имал исклучително пријателски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг за сите важни теми, пренесе РТС.
Како што рече, разговарале за Косово, за почитување на меѓународните правни норми и низ што поминува Србија и за примена на двојни стандарди, непочитување на Повелбата на ОН и резолуцијата 1244.
„Наидовме на разбирање од нашите кинески пријатели. Разговаравме и за други работи кои ни се неопходни, од соработка во сите области на економијата, воено-техничката соработка“, рече Вучиќ и додаде дека Србија во моментов нема од кој друг да добие помодерно и софистицирано оружје.
Тој вели дека се зборувало и за инфраструктурно поврзување и за зголемениот број кинески инвестиции, пренесува РТС.
Вучиќ повтори дека договорот за слободна трговија, кој беше потпишан во Пекинг, може да стапи на сила до јуни следната година.