Дилемата дали интензивирањето на Берлинскиот процес ќе значи постепено замирање на иницијативата Отворен Балкан беше едно од прашањето кое остана премолчено на Самитот во Тирана. Амбициозно најавените планови и зацртани проекции во моментов се во мирување, а праксата покажува и дека многу малку се исполнува она што беше договорено на претходните средби меѓу лидерите во рамки на оваа иницијатива. Во обид да направи “премерување’’ на добрите и лошите страни на двата типа соработки меѓу земјите на Западен Балкан, Центарот за економски анализи изработи истражување со компарација на неколку параметри.
Според ЦЕА, се работи за две слични идеи, со слични цели и потенцијални економски ефекти врз регионот на Западен Балкан. Од таму според ЦЕА, од економска гледна точка не е рационално тие да функционираат истовремено во вид на конкурентни механизми. Сметаат дека доколку во Отворен Балкан учествуваат сите шест земји, економската активност ќе расте со посилен интензитет, со оглед дека се овозможува поцврста основа за раст на извозот и инвестициите.Берлинскиот процес пак ги има истите предности, иако севкупното влијание врз регионот би било помалку изразено.
„И покрај позитивното влијание што иницијативата Отворен Балкан со делумно учество на земјите од Западен Балкан го има врз одредени области од економијата во регионот, проекциите покажуваат дека ваквото сценарио нема да донесе повисок економски раст, освен ако други економски мерки и политики бидат преземени од земјите за да се надополни овој процес. Од друга страна, под услов сите земји од Западен Балкан да учествуваат во иницијативата Отворен Балкан, проекциите покажуваат дека економската активност ќе расте со посилен интензитет, со оглед дека се овозможува поцврста основа за раст на извозот и инвестициите. Придобивките врз платите не би биле многу различни севкупно, додека јавниот долг се предвидува да се зголеми малку повеќе во споредба со основното сценарио. Проекциите покажуваат дека и Берлинскиот процес ги има истите предности, иако севкупното влијание врз регионот би било нешто помалку изразено споредено со сценариото на целосно учество во иницијативата Отворен Балкан, со тоа што одредени разлики се забележани по земји “, се вели меѓудругото во анализата на ЦЕА.
Во однос на ефектите на Отворен Балкан и Берлинскиот процес врз македонската економија,анализитепокажуваат позитивно влијание врз инвестициската и извозната активност, но негативно врз движењето на платите и јавниот долг.
„Македонскиот извоз би имал поголема корист од иницијативата Отворен Балкан, под услов сите земји од Западен Балкан учествуваат во истата, што од друга страна е придружено со побавен раст на платите и подинамично зголемување на јавниот долг. Берлинскиот процес, којшто исто така „страда“ од овие трендови, би поттикнал повисок раст на инвестициите. Случајот на Северна Македонија, како и тој на Србија, е донекаде специфичен, во смисла дека и покрај позитивниот импулс што различните форми на регионална интеграција го имаат врз одредени области на економијата, ефектот врз БДП се чини дека е неутрализиран од други фактори“, пишува ЦЕА.
Стопанствениците се далеку поуверени во позитивните придобивки од иницијативата Отворен Балкан. Во прилог на нивната подршка наведуваат неколку аргументи.
„Отворен Балкан не е политичка платформа или политичка идеја. Државите мора да соработуваат и да ги укинат економските бариери, па оттука дневно политичките случувања не треба да се дозволи да го загрозат нормалното функционирање на компаниите и економските движења. Што и да се случи, општеството мора од нешто да живее. Дури и меѓу најразвиените држави понекогаш се случуваат недоразбирања, па затоа верувам дека актуелните несогласувања ќе се надминат. Отворен Балкан има исклучително значење за македонското стопанство.Преку оваа иницијатива добиваме зголемена можност за пласман на нашите производи. Ние сме многу мала земја и на овој начин добиваме можност за пласман за нашите производи во земјите коишто се наши соседи, а кои како на пример Албанија и Србија се поголеми од нас. Нам ни се потребни овие локални пазари. Не можеме да се надеваме дека ќе можеме да ги пласираме нашите производи во Велика Британија или во скандинавските земји,а притоа да ги нема во соседните земји.Тоа е економски неодржлива метода, и затоа пред се треба економски да соработуваме со нашите соседи, а потоа и со останатите пазари во Европа“, рече за Локално, претседателот на Сојузто на стопански комори Трајан Ангелески.
Професорот Беџети има спротивен став, поткрепувајќи го со чекорите кои што ги направи Албанија.
„И Албанија со право се повлече од тој виртуелен проект и се врати во насоките и патеките на Берлинскиот процес.Добро шо овој процес се иницира и координира од Германија, моќна , правична и одлучна земја за сите конвергенции подеднакво за сите земји на Западен Балкан кон ЕУ а не само на некои коњуктурни мерки и земји“, изјави за Локално, Беџети.
К.В.С.