Фон дер Лајен до крајот на месецов повторно во земјава, Макрон изразил желба за посета

од Nikola Popovski
211 прегледи

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен до крајот на месецов ќе ја посети земјава, додека францускиот претседател Емануел Макрон изразил желба да го стори истото, но не се знае точно кога би се случило.

-Претседателот Макрон изрази желба дека во делот на неговите посети ќе биде и нашата држава. Со него имав неколку средби и ако погледнете во делот на поддршката од Франција, да не заборавиме дека и нашиот предлог за преговарачката рамка е во времето на француското претседателство. Од курсот на Франција се гледа дека е за проширување на ЕУ во овој геополитички момент во Европа, информира денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Фон дер Лајен последен пат беше во Македонија во октомври минатата година, во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта беше да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.

Претходно претседателката на ЕК беше во земјава на 14-ти јули лани пред прифаќањето на францускиот предлог-преговарачка рамка на Македонија со ЕУ. Во обраќањето пред пратениците во Собранието, таа истакна дека со европскиот предлог не се загрозуваа македонскиот идентитет, историја, јазик и култура.

Слични содржини