Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во понеделникот официјално го проследи барањето за прием на Шведска во НАТО до турскиот парламент, по 17 месеци блокада, соопшти неговиот кабинет.
„Претседателот Реџеп Таип Ердоган го потпиша Протоколот за пристапување на Шведска во НАТО на 23 октомври 2023 година и го испрати до Големото национално собрание на Турција“, објавија од неговиот кабинет на платформата X.
Во јули, Ердоган го укина ветото за прием на Шведска во НАТО, додавајќи дека ратификацијата ќе зависи од турскиот парламент, кој продолжи со работа на 1 октомври по летната пауза.
Ердоган, кој во саботата разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од летото продолжи да ја притиска Шведска да преземе мерки против сквернавењето на Куранот.
Анкара ги прекорува шведските власти за нивната попустливост кон курдските милитанти кои живеат на нејзина територија и бара да бидат екстрадирани десетици од нив.
Анкара го одобри влезот на Финска во НАТО на 30 март.
Во понеделникот, шведскиот премиер Улф Кристерсон ја поздрави одлуката на Ердоган да достави до турскиот парламент нацрт-закон за ратификација на влезот на Шведска во НАТО.
„Сега останува на парламентот да го реши прашањето“, напиша тој на X. „Со нетрпение очекуваме да бидеме членка на НАТО“, додаде Кристерсон.