Концертното пијано – донација за Националната опера и балет е потврда за трајните врски со Чешката Република

од Vladimir Zorba
2,1K прегледи

Во Националната опера и балет вечерва се одржа пијано-концерт во организација на Амбасадата на Република Чешка, а по повод Националниот ден на оваа пријателска земја. На концертетот беше промовиран клавир од прочуената чешка компанија „Петроф“, како донација, со што се потврдува традиционалната соработка во културата меѓу двете земји.

Во присуство на Зузана Петрофова, актуелна сопственичка на „Петроф“, бројни гости од дипломатскиот кор и од културниот и бизнис секторот во земјава, овој чин на зацврстување на односите во културата го поздрави заменик-министерот за култура, Даим Лучи.

Тој истакна дека со амабасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва се согласни дека соработката што ја негуваме во културата е вистинско богатство, но и дека сме свесни дека има уште многу можности кои не се искористени.

-Националната опера и балет е значајна културна институција со врвни музичари, кои овој гест на пријателство, манифестиран преку донацијата на концертното пијано „Петроф“, длабоко го почитуваат.

Новото концертно пијано ќе го збогати звукот и ќе го подобри квалитетот на изведбите во оваа музичко-сценска установа. Верувам дека тоа ќе ги мотивира и уметниците за поголема креативност на сцената и страст во музицирањето што на крајот ќе биде врвно уживање за публиката.

Уверен сум дека вечерва ќе имаме одличен музички настан со двете реномирани чешки пијанистки, со надеж дека што поскоро на сцената на Националната опера и балет да ги видиме заедно и македонските и чешките уметници-, истакна Лучи.

Заменик-министерот за култура потенцираше дека вечерашниот настан, поддржан од Министерството за култура и од Националната опера и балет со директорот Васо Ристов, е уште една потврда дека уметноста и културата секогаш се вистинскиот чекор кон просперитетна иднина.

Пијаното е донација иницирана од Чешка, во која свој удел имаат и компании од Северна Македонија. Овој модел на соработка отвора нови можности за подигнување на квалитетот во изведбите и на новите копродукциски соработки.

Присутните го проследија настапот на чешките пијанисти Ема Једличка Гогова и Ина Асламас-Дуо Асламас-Гогова.

Слични содржини