ДПМНЕ призна дека покачувањето на платите се вистински чекори на патот кон ЕУ, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
293 прегледи

ДПМНЕ призна дека покачувањето на платите претставува вистински чекор на патот на државата кон ЕУ. Со ова ДПМНЕ, која 11 години ги држеше платите во стагнација, одаде признание за мерките и политиките што ги спроведува СДСМ за континуирано покачување на платите во сите дејности, велат од владеачката партија преку соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека минималната плата која беше 8.000 денари до 2016 година, а во некои сектори и помала денес е 20.750 денари што е зголемување повеќе од двојно.

-Истовремено со воведеното системско решение минималната плата континуирано ќе се зголемува и никогаш повеќе нема да зависи од нечие политичко самоволие.

Платите на наставниците во основното и средното образование се покачени за 55 проценти, на лекарите специјалисти за 40 отсто, растат платите на вработените во културата, детската заштита, полицијата, армијата.

СДСМ на дело го цени и го вреднува трудот на работниците, стои во партиското соопштение.

Наставниците на почетокот на месецов ги добија покачените плати за 15 отсто, па така сега ако еден наставник во основно образование во август оваа година имал почетна плата од 29.258 денари, за септември примил плата 33.511 денари или 550 евра.

Кај професорите во средните училишта оние кои во август имале почетна плата од 30.485 денари, во септември добиле 34.926 денари, покажуваат податоците.