Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска порача Македонија ќе бара оштета од Бугарија и заштита од ЕУ откако официјална Софија воведе транзитна такса за рускиот гас што преку нејзина територија доаѓа до соседните земја.
Според Бектеши, земјава има право на ослободен капацитет на актуелниот гасовод што не поврзува со Бугарија за кој Гаспром плаќа закуп.
-Во делот на гасоводот со Србија, не се закупени капацитетите од страна на Газпром, а тоа Бугарија го знае. Србија и другите држави можат да користат други извори, освен рускиот гас, за да бидат снабдувани. Во однос на нашата држава, тие сами ги давале во закуп на Газпром до 2030 година, освен последнитте што беа ослободени. Затоа бараме веднаш да бидат ослободени капацитетите и ние да бидеме снабдувани и од други извори, вклучувајќи го тука и Азербејџан, но и терминалите од Грција, кажа министерот.
Бектеши е дециден дека „да уцениш друга држава на ваков начин е неприфатливо и спротивно на начелата на работа на ЕУ“ и побара од Бугарија да ги укине механизмите.
-Тие уцени нема да им поминат и ние ќе продолжиме да ги диверзифицираме изворите на снабдување. И тука нема да има компромис. Во делот на ослободување на капацитетите – тоа се начела на либерализација што ги бара ЕУ. Не може таксата да важи само за една земја, истакна министерот.
Бугарија воведе данок на рускиот гас кој преку нејзина територија се доставува до Европска унија, се вели во законот објавен на официјалната веб-страница на бугарскиот парламент на 15-ти октомври.
Новата регулатива стапува на сила веднаш и наметнува такса од 20 бугарски лева (10,76 американски долари) за мегават-час, или приближно 100 кубни метри руски природен гас кој транзитира низ земјата.