СЗО ги повтори своите повици за итен хуманитарен прекин на огнот, заштита на здравствените установи, работниците и пациентите; и итен пристап за спасување животи во и низ Газа, изјави денеска шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.
– Цивилите, пациентите и здравствените работници во Газа ја поминаа ноќта во темнина и страв, напиша тој на мрежата Х.
Светската здравствена организација претходно соопшти дека се уште нема контакт со своите тимови во опколениот и бомбардиран Појас Газа.
Интернетот, фиксната и мобилната телефонија синоќа беа прекинати низ Газа поради израелски напад со што околу 2,3 милиони жители беа отсечени од светот.
Гебрејесус изјави дека поради прекинот на сите комуникации во Газа, невозможно е возилата на брзата помош да стигнат до повредените.
– Сè уште немаме контакт со нашиот персонал и здравствените установи. Загрижен сум за нивната безбедност, напиша тој на Х.
Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNWRA) соопшти дека во вчерашните израелски воздушни напади врз Газа загинале 58 нејзини вработени.
Медицинската координаторка на Лекари без граници за палестинските територии, Гиљемет Томас, рече дека не се во контакт со нивниот тим повеќе од 12 часа.
– Ситуацијата е многу тешка. Не можеме да комуницираме со нашиот тим. Не знаеме дали се безбедни, изјави таа.