НОВ НАПАД ВРЗ ОДЕСА: Русите го гаѓале бродоградилиштето, има повредени

од Stefanija Kuzmanovska
282 прегледи

Две лица се ранети, а неколку згради се оштетени денеска при руски ракетен напад врз бродоградилиштето во Одеса, соопшти денеска гувернерот на областа Одеса, Олех Кипер.

„Руските терористи утрово со ракети го нападнаа округот Одеса. Непријателот го гаѓаше бродоградилиштето“, објави Кипер на својот профил на Телеграм.

Тој посочи дека е оштетена управната зграда и зградата на една фирма.

„Нападот предизвика пожар, кој нашите спасувачи брзо го изгаснаа. Ракетниот напад се случи откако Русија во текот на ноќта ги нападна јужните, централните и северните украински региони со беспилотни летала“, рече Кипер.

Украинската агенција Униан претходно денеска објави дека бродоградилиштето во Одеса најверојатно било погодено од ракета „Оникс“, која може да достигне брзина и до 3.000 километри на час.

Според портпаролот на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, Јуриј Игнат, Руската Федерација би можела да употреби балистичко оружје за да го нападне регионот.

„Балистичка ракета, ако е лансирана од територијата на Крим, на пример, лета доста кратко време. Од лансирање до пристигнување, тоа е прашање на минути, разберете го тоа. Всушност, ова штотуку се случи… Беше објавено дека имало експлозии, ќе чекаме извештаи од локалните власти за тоа какво оружје е употребено“, рече тој.

Украинската армија на Телеграм објави дека противвоздушната одбрана ги уништила сите 12 руски беспилотни летала и две ракети лансирани кон Украина.

„Сите 14 непријателски воздушни цели беа уништени со противвоздушна одбрана, особено во областите Миколаев, Херсон, Кироворад, Черкаси, Житомир, Хмелницки и Дњепар“, соопшти армијата.

Слични содржини