Одложено судењето против медицинската сестра која крадеше ампули од Онкологија

од Nikola Popovski
219 прегледи

Судењето против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која е обвинета за проневера во службата со сомнение дека крадела цитостатици е одложено за 4 декември, информираат од Основен Кривичен суд Скопје.

-Главната расправа за предметот со К.бр. 1990/23 против А.О. за кривичното дело Проневера во службата од чл. 354 ст.1 од КЗ, а поврзано со работењето во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија Скопје, се одложи, стои во соопштението од Кривичен суд.

Причина за одлагањето, како што констатира Судот, е тоа што Јавниот обвинител не примил уредна покана заради штрајк на јавно обвинителската служба, како и отсуство на обвинетата за која не е вратена достава за прием.

-Присутен на расправата беше адвокат на обвинетата, ангажиран од семејството, со уредно полномошно, дополнуваат од Кривичен.

Јавното обвинителство против медицинската сестра поднесе обвинителен предлог за кривично дело – проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Во текот на претходната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59 760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице.

Медицинската сестра од Клиниката за онкологија и радиотерапија, која на 28 февруари беше фатена при повторна кражба на лекови, доби отказно решение на 23 мај, а од 28 февруари не е стапната на Клиниката.

Слични содржини