Ангеловска-Бежоска: Депозитите на граѓаните се показател за високата доверба во банките и денарот

од Nikola Popovski
165 прегледи

„Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемени за 20%. Во моментов граѓаните им имаат доверено 340 милијарди денари на банките. Кај штедењето на населението се забележуваат поволни структурни промени, при што учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата има нагорен тренд и изнесува околу 48%. Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментов се на највисокото ниво во последните десетина години. Фактот што депозитите кај банките растат, и покрај мноштвото надворешни шокови, какви што имало само еднаш во изминатите сто години, е потврда за високата доверба којашто ја има населението во банкарскиот систем. Кон тоа придонесува и централната банка којашто постојано се залага за јакнење на неговата отпорност”, истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска по повод на Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври.

Граѓаните и натаму најмногу штедат во банките, со учество на депозитите со 62% во нивната вкупна финансиска актива во 2022 година. Сепак, учеството на вложувањата во алтернативни финансиски инструменти исто така се зголемува, со растот на понудата и развојот на финансиските пазари. Пандемијата беше двигател на насобирањето „вишок на заштеди” кај населението, при што најголемиот дел од вишокот заштеди беше пласиран во депозити, чиешто учество во БДП во 2020 година се зголеми за 3,3 п.п., што е тројно повеќе од просечниот прираст во претходните неколку години, но овој тренд се стабилизира изминатите години.

„Нема сомнение дека штедењето е еден од клучните „мотори” на економскиот раст, а во земјите во развој е важен двигател на доходовната конвергенција. Колку е повисоко домашното штедење, толку се повисоки и можностите за инвестирање”, посочува гувернерката и укажува дека доколку домашното штедење е помало од потребите за инвестирање, тоа ќе наметне потреба да се позајми однадвор, што пак ќе предизвика и зголемување на надворешното задолжување. „Оттаму, нашите напори мора да се насочени кон поттикнување на домашното штедење, но и кон негово канализирање преку финансискиот систем”, вели гувернерката.

Граѓаните имаат висока доверба во банкарскиот сектор, што и не е изненадување, имајќи предвид дека системот во период на повеќе кризи коишто се преклопуваат, сепак е стабилен, високо капитализиран и ликвиден. Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка и за време на кризниот период ја јакне отпорноста на банкарскиот сектор, преку зголемување на капиталните барања, а за првпат и преку воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, како и преку првите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка. Донесени се и системски важни законски решенија, Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки, со коишто се јакнат механизмите за заштита, но и за решавање на сериозните проблеми со кои се соочуваат банките, без да се наруши финансиската стабилност. Усвоен е и првиот Среднорочен план за управување со ризиците од климатски промени, којшто ќе придонесе за управување со еден од најважните современи предизвици и за подобрување на потенцијалот на банките за поддршка на преминот кон зелен и одржлив развој.

Слични содржини