Град Скопје: Не склучуваме договори за времени вработувања во ЈП, Управните одбори носат одлука за ангажман за определено време

од Nikola Popovski
420 прегледи

Проблемот околу ангажирањето на потребната работна сила во градските јавни претпријатија, претставува одбивањето на Советот на Град Скопје да ги усвои Плановите за вработување во претпријатијата, каков што беше впрочем и примерот со денешното продолжение на седницата на Советот, велат од Град Скопје како реакција за „Локално“ откако претходно објавивме дека градските власти нема да ги продолжат договорите на вработените кои се без решенија во јавните претпријатија кои се под „нивна капа“.

Оттаму посочуваат дека времено вработените во јавните претпријатија имаат договори склучени со Претпријатијата, како самостојни правни субјекти, и Управните одбори носат одлука за потребите за ангажман за определено време.

-Градот Скопје не склучува договори за времени вработувања во јавните претпријатија, согласно истото ниту може да ги скратува или продолжува истите, посочуваат од локалната самоуправа во главниот град.

Според извор за „Локално“, само во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) без работа ќе останат над 100-тина вработени. На еден месец пред истек на договорите не им е понуден нов, а веќе им се соопштува да не доаѓаат на работа откако тие ќе истечат.

На денешното продолжение на 37 седница, ниедно јавно претпријатие од шесте кои имаа доставено годишни планови не доби согласност од Советот на Град Скопје за нови вработувања во наредната 2024 година.

Нови вработени следната година ќе нема во ЈСП „Скопје“, ЈП „Лајка“, „Дрисла“, „Улици и патишта“, „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“, но и во осумте јавните и културни институции кои имаа поднесено планови.

Според информациите од денешната Седница, најголем дел од директорите ги поднеле плановите без тие планови да поминат во управните и надзорните одбори и покрај тоа што новите вработувања подрзабираат и финансиски импликации.

В.З.

Слични содржини