Амнестијата денеска пред пратениците, ВМРО-ДПМНЕ најави илјадници амандмани

од Nikola Popovski
274 прегледи

Предлог-законот за амнестија, предложен по скратена постапка од министерот за правда Кренар Лога, е на дневен ред денешната 129. седница на Собранието на Република Северна Македонија. Предложениот закон е 26-та точка на дневниот ред.

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор воказнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Северна Македонија и казната ја издржува во Северна Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот на Република Северна Македонија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување илјадници амандмани, а амандмани најави и СДСМ со цел да изземат од амнестирање осудените од предметот „Монструм“.

За првиот човек на правда законот е доказ дека државата мора да иде еднаква за сите, а ако пратениците го блокираат ќе покажат двојни аршини.

Во затворите во моментов се наоѓаат 2 114 осуденици, колку што се и вкупните капацитети во државава, а анализите од Управата за извршување санкции заклучно со 26 септември 2023 покажуваат дека при усвојување на предлог-законот 286 осуденици целосно ќе бидат ослободени, додека делумно ќе се амнестираат 996. Сепак, ова не се конечните бројки бидејќи уште 2 813 лица чекаат да влезат во затвор и за нив дополнително ќе се прави анализа кој ќе биде амнестиран.

Од претходните седум закони за амнестија, првиот беше донесен во 1991 година. Потоа следуваа амнестии во 1999-та, па во 2002 и 2003 година. Во 2018 беше изгласана уште една амнестија за која причините беа слични како и денес – пренатрупаност и лоши услови во затворите. Истата година, Собранието донесе уште еден закон со кој се амнестираа дел од тогаш обвинетите за упадот во парламентот на 27 април 2017 година. Последен пат, закон за амнестија беше донесен годинава и се однесуваше на прекршителите на ковид-протоколите.

Слични содржини