Активен е еден пожар во општина Студеничани, кај месноста „Мала Река“ во реонот над селото село Алдинци, на речиси непристапен терен, каде што гори ниска вегетација и мешана шума, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Оттаму посочуваат дека и покрај тоа што температурите, барем ноќе се ниски, има поголема присутност на утринска роса и почнаа локални врнежи дожд, вчера биле регистрирани 10 пожари на отворено.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информираше дека во октомври имало 614, а во септември 597 пожари на отворено, што е за најмалку 200 пожари повеќе од август кога имало 395 пожари и кога вообичаено е пикот на пожарите на отворено.
Во јули оваа година, како што посочува, имало 186 пожари на отворено, а во јуни само 20 за цел месец, согласно податоците од Секторот за аналитика во ЦУК.
-Споредено со бројките од октомври – тоа е помалку и од бројот на пожарите во еден ден, конкретно во последниот ден од месец октомври (31.10.2023), кога имало 21 регистриран пожар на отворено – службено регистрирани пожари што претставувале предмет на интервенција на храбрите пожарникарски тимови и пилоти во државата, а и ангажман и на други институции и служби од Системот за управување со кризи (СУК) во државата, велат од ЦУК.