Минитерството за надворешни работи потврди дека на листата за евакуација на странски државјани од Појасот Газа преку граничниот премин Рафа се наоѓаат пет државјани на Република Северна Македонија.
-Во Газа имаме вкупно пет наши државјани. Сите тие се на листата за напуштање на Газа. Исто така, покрај овие пет, на листата е една палестинска државјанка, сопруга и мајка на две деца, кои имаат македонско државјанство, наведуваат од МНР.
Вчера беше отворен преминот Рафа на границата меѓу Египет и Појасот Газа, а на видео снимките се гледа како луѓе и автомобили го напуштаат Појасот Газа, објави „Гардијан“. Амбулантни возила чекаа на египетската страна на преминот Рафа за да ги пренесат повредените Палестинци.
Тие беа и првите Палестинци на кои им беше дозволено да го напуштат Појасот Газа од почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел на 7 октомври. Некои медиуми објавија дека Египет гради теренска болница долж границата со Појасот Газа.
Египет, Израел и Хамас, со посредство на Катар и во координација со САД, постигнаа договор да им се дозволи на странските државјани и на некои сериозно повредени цивили од Газа да ја напуштат областа. Не е прецизирано колку време ќе биде отворен преминот Рафа.
Пограничните власти на Газа, утрово, објавија листа со 596 странски државјани и лица со двојно државјанство од 15 земји на кои им е дозволено денеска да ја напуштат Газа, меѓу нив се и неколкумина македонски државјани.