Американските трупи нема да бидат распоредени во Газа за време или по актуелната фаза на израелско-палестинскиот конфликт, соопшти Белата куќа, отфрлајќи ги информациите дека американските војници би можеле да бидат распоредени како дел од мировната мисија.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека нема планови или намери за распоредување на американски војници на теренот во Газа, ниту сега, ниту во иднина.
Одговарајќи на прашањето дали американските сили ќе бидат искористени за „стабилизирање на ситуацијата“ во Газа, тој изјави дека САД разговараат со своите партнери за тоа како ќе изгледа Газа по војната.
Кирби додаде дека властите размислуваат за „некаков вид меѓународно присуство“ по конфликтот во Газа, но се уште не се донесени никакви одлуки.
„Блумберг“ претходно објави дека Вашингтон и Израел ја разгледуваат можноста да им дадат привремена контрола над Газа на земјите во регионот со помош на војници од САД, Велика Британија, Германија и Франција.
„Блумберг“ наведува дека овие планови се уште се во почетна фаза, но и дека се разгледуваат уште најмалку две опции, меѓу кои и учеството на ОН.
Додека Кирби ја отфрли идејата за американска мировна мисија, тој ги повтори претходните коментари на Белата куќа дека Хамас „не може да биде иднината на владеењето во Газа“, изразувајќи поддршка за израелска воена операција и елиминација на милитантната група.
На прашањето што следува за палестинската енклава, портпаролот рече дека официјалните лица „ги немаат сите одговори на тоа“, но дека, во секој случај, следното „не може да биде Хамас“.