Анкетната комисија продолжува со работа, од ОЈО велат дека документите на Мицкоски не се од свиркачи

од Nikola Popovski
255 прегледи

Анкетната комисија што ја формираше Собранието за утврдување одговорност за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска ќе продолжи со работа со сослушување сведоци и експерти, како и разгледување акти и документи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека има нови сознанија за Клиниката за онкологија за периодот од 2021 до 2023 година. Како што посочи се работи за огромна документација која ја добиле преку свиркачи.

-Извештај од ФЗО од извршена вонредна контрола во Онкологија. Периодот кој што е опфатен е од 1 август 2021 година до 1 август 2023. Овој извештај го опфаќа работењето на МЗ во овие две години. Добавувачите согласно договорите се должни да ги испорачаат лековите во текот на 10 дена. И покрај што има периоди кога пациентите не ја добиваат терапијата, не е испратен ниту еден допис од одговорните лица за да се надмине дефактурата и да се даде негативна референца на набавувачот. Ниту еден добавувач не е предупреден, ниту има негативна референца, ниту е добиен одговор зошто не се испорачува робата, рече меѓу другото Мицкоски на вчерашната прес-конференција.

Јавното обвинителство соопшти дека информациите изнесени вчера од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со предистрагата за Клиниката за онкологија се погрешни и можат да предизвикаат вознемирување на јавноста.

-Скопското обвинителство во рамките на предистражната постапка за предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија со барање од 13.09.2023 веднаш ги обезбеди сите изготвени извештаи од извршените вонредни надзори на Фондот за здравствено осигурување за финансиското работење на клиниката за периодот 01.01.2015 година до март 2023 година, велат од Обвинителството.

Како што појаснуваат, не станува збор за документи од свиркачи, туку за официјални документи од државни органи достапни на истрагата. Велат дека нов тримесечен извештај за периодот до јуни 2023 година, согласно информациите добиени од Фондот, е во финална фаза на изработка и веднаш потоа ќе биде доставен до обвинителството.

Досега пред Анкетната комисија зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик-министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици-министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски, Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување, Поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенковска, Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија и други лица и функционери.

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Поради наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, имаше реакции во јавноста и протести.

Слични содржини