Интересот на грчкиот преносен оператор АПТО за купување удел во македонскиот електропреносен оператор (МЕПСО) за вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е само интерес на странска компанија за инвестирање во стратешка македонска компанија, за кој не се изјаснила владата.
Според премиерот Димитар Ковачевски, оваа информација доминантно ја лиферуваат опозициските медиуми.
-Се работи за неточни наводи и за лажни вести, а за тоа имаше соопштение и државната компанија МЕПСО која кажа дека ниту имаат разговарано, ниту разговара, ниту пак, преговара со кого било за продавање на нејзин дел – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека станува збор за компанија во 100-процентна државна сопственост и додаде дека ни Владата нема водено никакви разговори за продавање на МЕПСО.