Во израелски воздушен напад извршен синоќа врз амбулантни возила користени за евакуација на ранетите од опколениот северен дел на Газа, загинаа 15 лица, а 60 се ранети, соопшти министерството за здравство на енклавата под контрола на Хамас.
Израелската војска соопшти дека идентификувала и погодила амбулантно возило „користено од терористичката ќелија на Хамас“. Тие тврдат дека групата пренесувала милитанти и оружје во амбулантни возила.
Официјалниот претставник на Хамас, Изат Ел Решик, рече дека наводите за присуството на неговите борци се „неосновани“.
Ашраф ал-Кидра, портпарол на министерството за здравство на Газа, рече дека амбулантното возило било дел од конвој нападнато во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа. Кидра рече дека Израел го таргетирал конвојот амбулантни возила на повеќе од една локација, вклучувајќи и удар пред болницата Ал-Шифа и плоштадот Ансар што е на еден километар оддалеченост.
Во соопштението за инцидентот, израелската војска не достави никаков доказ за да го поткрепи тврдењето дека амбулантното возило е поврзано со Хамас, јавија западни медиуми.