По денешната седница на Апелација, Еленко Миланов, адвокат на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, посочи дека постои апсолутна застареност од кривично гонење.
„Врз основа на решението за исправка на првостепенеата пресуда побаравме јавна пресуда по која Апелациониот суд мораше да одржи седница. Побаравме судот да утврди во согласност со измените на предлог од жалбата со која се бараше да се укине првостепената пресудата и тоа го преиначивме, со тоа што побаравме во согласност со ЗКП да се утврди апсолутна застареност во однос на сите обвинети, а тоа го побара и застапникот на обвинението“, рече Миланов.
Фијат Цаноски, сопственик на фирмата „ФИНЕ“ вчера на прес-конференција обвини дека екс-премиерот Никола Груевски е директно поврзан со низата малверзации што се прават со случајот ТНТ за уривањето на објектот Космос, за делата за него, како и на екс министерот за транспорт Миле Јанакиески да застарат.
За овој преседан кој излегува од границите на ЗКП на прес – конференцијата беа изнесени факти за правната процедура на предметот, намерните одлагања во постапувањето, раздолжување на предметот во жалбена постапка, непостапување со достава на предметот до Основниот кривичен суд за исправка на грешка на Пресудата која грешка некој намерно ја сторил, и не закажување на термин за советување и носење на пресуда на Советот.
Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, Цаноски треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот.
За случајот, експремиерот Никола Груевски, кој се гони за поттикнување, односно злоупотреба на службената положба и овластување, доби девет години затвор. На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески му се досудени три години затвор.
Тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, доби четири години затвор, бидејќи според судот ја поттикнал инспекторката за издаде решение за уривање на објектот иако не требало.
Елисавета Најдовска исто така доби осудителна пресуда со казна затвор од четири години, бидејќи прифатила да го урива „Космос“.
Случајот ТНТ беше поднесен и во судот во Стразбур во 2013 кој првично ја прифати, но потоа во 2017 откако се формира СЈО и го презеде случајот, им беше речено дека правните можности за овој случај се уште не се исцрпени во Македонија и дека не можат тие да постапуваат се додека не се завршат сите судски инстанци.