Европската комисија побарала детални информации во врска со договорот што Рим и Тирана го потпишаа за формирање прифатни центри за мигранти во Албанија, изјави денеска за АНСА портпарол на извршната власт на ЕУ, пренесува Топ чанел.
-Во контакт сме со италијанските власти. Побаравме да добиеме детали за миграцискиот договор со Албанија. Пред да коментираме дополнително, треба да разбереме која е точно целта, изјавила портпаролката Анита Хипер.
Нагласила дека Комисијата била информирана за договорот пред неговото потпишување вчера во Рим и додала дека „се чини поинаку“ од договорот што го има Британија со Руанда за испраќање имигранти во оваа африканска земја.
-Според договорот, Италија добива право да користи одредени области без надомест.
Областите кои ќе бидат дадени на користење целосно ќе ги стопанисува италијанска страна, согласно надлежноста на италијанската држава. Договорено е бројот на присутни мигранти во одредените области да не надминува 3.000 лица, дополнува Топ чанел.
Се дознава дека кампови за бегалци кои сакаат да влезат во Италија и понатаму во Европската Унија ќе се градат во областа Лежа. Тие ќе бидат чувани во камповите, само со цел спроведување на граничните процедури на репатријација и по нивното завршување ќе бидат изнесени од територијата на Албанија.
-Максималниот рок на нивниот престој ќе биде во согласност со терминот дефиниран во италијанското законодавство за овие постапки. Транспортот до албанска територија и придружувањето на емигрантите по завршување на процедурите надвор од оваа територија ќе го вршат Италијанците, додава телевизијата.
Договорот вчера го потпишаа италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзиниот албански колега Еди Рама, кој беше во посета на Рим.