Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска ја одржа 463. Седница на која беа разгледани повеќе точки, меѓу кои и точката за избор на нови претседатели во пет основни судови.
Судскиот совет го определи судијата Бесник Авдија за претседател на Основен граѓански суд Скопје, кој бил единствен пријавен кандидат на огласот. За претседател на Основен суд Неготино беше избрана судијката Билјана Толова, исто така единствен кандидат.
За претседател на Основен суд Кичево Советот го определи судијата Футурије Дервиши, еден од тројцата кандидати пријавени на огласот заедно со Амдије Зенгул и Билјана Кижевска.
Авдија беше избран и покрај поднесената претставка за наводен секс-скандал со вработена во просториите на судот.
За него гласаа 11 членови на Советот, кои рекоа дека нема постапка, кривична одговорност и дисциплинска повреда за да гласаат против Авдија, како и дека тој го поминал тестот за интегритет.
Членката на Советот, Мери Радева рече дека за Авдија има позитивна оценка и ги исполнува сите други услови предвидени со закон. За секс снимката рече дека датира од 2019 година и тоа не е причина да не биде избран, кога нема утврдени факти, а со оглед на тоа дека се уште не е расправано по претставката поднесена од некое лице.
-Доколку се утврди дека има некакви причини за да не ја врши таа функција – Советот ќе постапува, рече таа.