Извештајот на ЕК за 2023 година е доказ дека лажни се изјавите на власта на СДСM и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда. Ова е извештај кој е одраз на тажната реалност, одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел назадување во која се наоѓа Македонија, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Според неа, во кластер 1, делот на основите, фундаментите на ЕУ се забележани низа забелешки и тоа:
Не е постигнат напредок во текот на извештајниот период, тоа е од минатата година до денес, за да се адресираат и имплементираат исклучителните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија. А, замислете, го имате Османи кој не престана да се моделира како прв и единствен претседавач на ОБСЕ и воедно потроши или ќе потроши 1 милион евра за два дена за рент а кар возила, а притоа е дел од власта која не ги имплементира препораките од ОБСЕ. Класична хипокризија!
Понатаму, во делот на Собранието – се нотира недостаток на соодветно планирање, прекумерна употреба на брзи процедури, вклучително и несоодветна употреба на „европското знаменце“. Изрично е наведено дека „Знамето на ЕУ“ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања. Во однос на истото, забележано е дека властите треба да се воздржат од усвојување на ад хок мерки кои не се во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди. И тука, власта на свое конто ги има безбројните примери, а како последни за потсетување на јавноста се законот за кривична постапка и законот за игри на среќа., рече Митева.
Според неа, наведено е дека само ограничен напредок е постигнат за реформа на јавната администрација каде се вели, цитирам: „И покрај тоа што Македонија го започна процесот пред 5 години, земјата сè уште не ја усвои ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси, која ги вклучува ревидираниот закон за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор и нови законски одредби за највисоко ниво на раководството“.
Митева вели дека фрапантни се и анализите за судството.
-Генерално се вели дека нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права. Внимавајте: Во извештајниот период од минатата година до денес нема напредок во областа на судството. Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседател на Судски совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание. Усвојувањето пак на новата стратегија за реформи во правосудството доцни. Ова е судството почитувани на СДС и ДУИ кое ќе го отвореа како пупка, ова е судството за кое ветуваа генерален реизбор, а остана најголема рана на општеството и нивна алатка за политиканство, наместо за правда, рече меѓу другото портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.