Кујните во три училишта, заедно со магацинскиот простор во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на девет деца заразени со салмонела, информираат од Општината.
Во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, а во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела.
-Во ООУ “Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ “Јан Амос Коменски” од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ “Владо Тасевски” има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште, информираат од Општина Карпош.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота.
Појавата на првите симптоми кај лица заразени со салмонела се појавуваат во период од 6 до 72 часа по консумирање на контаминирана храна. Најчести симптоми се стомачни грчеви, гадење, повраќање и дијареа, понекогаш и висока температура. Болеста трае од 4 до 7 дена, а понекогаш и подолго.