Директорката на УЈП Сања Лукаревска на брифинг со новинарите денеска соопшти, дека заклучно со вчера, 8 ноември, од 130 компании се наплатени 2,3 милијарди денари по основ на данокот на солидарност. Оваа обврска ја имаат 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие, со вкупен износ од три милијарди, 29 милиони денари. Дваесет и шест компании сѐ уште не ја подмириле обврската и вкупно должат 726,6 милиони денари, и покрај рокот што им е даден од Управата за јавни приходи.
Најголем износ, од 257,3 милиони денари, се уплатени од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари.
Немањето средства е најчесто причината што овие компании ја наведуваат за неисполнетата обврска за плаќање на данокот на солидарност.
-Најголемиот должник, а воедно и компанија со најголема пријавена обврска, е скопска компанија од среден обем, чија дејност е трговија со електрична енергија, која остварила вкупни приходи од 13,2 милијарди денари и должи 294,6 милиони денари, рече Лукаревска.