Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека книгата на Адолф Хитлер „Mein Kampf“ преведена на арапски јазик и со белешки е пронајдена во детска соба која се користела како терористичка база на северот од појасот Газа.
Херцог ова го изјавил во интервју за Би-Би-Си додека во рака ја држел книгата на нацистичкиот лидер.
„Ова е книгата на Адолф Хитлер „Mein Kampf“ преведена на арапски. Ова е книгата што доведе до Холокаустот и книгата што доведе до Втората светска војна“, изјавил Херцог за Би-Би-Си, соопштиле од тамошниот претседателски кабинет.
Во соопштението се наведува дека книгата била пронајдена во станбена зграда меѓу предметите на еден терорист и дека во неа имало пишани белешки.
„Тој запишувал белешки и ја проучувал идеологијата на Адолф Хитлер за мразење Евреи, убивање Евреи, палење и уништување Евреи каде и да се. Ова е вистинската војна со која се соочуваме“, рекол Херцог.
„По масакрите и злосторствата извршени од терористите на Хамас на 7 октомври, ова е уште едно откритие кое сведочи за изворот на инспирација на терористичката организација Хамас и уште еднаш докажува дека сите нејзини акции имаат иста цел како и нацистите, уништување на Евреите“, се вели во соопштение на кабинетот на Херцог.