Институтот за истражување на политики и добро владеење – Скопје (ИПДВ), спровел телефонска анкета во периодот помеѓу 05 и 09 ноември 2023 на репрезентативен примерок на ниво на Република Северна Македонија. Резултатите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ со 19,5 отсто поддршка наспроти 12,6 отсто што ја има владејачката партија.
Најголем дел од испитаниците – 29,4 отсто, одговориле дека не би гласале за ниту една партија доколку следната недела има парламентарни избори.
Од партиите на Албанците, според одговорите на испитаниците, најмногу гласови би добила ДУИ и тоа 5,3 отсто, а за Алијанса за Албанците би гласале 4,5 отсто.
За БЕСА би гласале 2,4 отсто, а за Демократското движење на Изет Меџити гласот би го дале 1,8 отсто од испитаниците.
Во анкетата, 3,2 отсто од испитаниците рекле дека доколку следната недела има парламентарни избори би гласале за Левица.
На прашање во кој политичар имате најголема доверба, според анкетата, Димитар Ковачевски има 9,1% поддршка, а Христијан Мицкоски 16,9%.
Во листата со одговори, по Мицкоски и Ковачевски, е претседателот на државата Стево Пендаровски кому му веруваат 6,1 отсто од испитаниците.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, има доверба од 5,1 отсто, а по него е првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
40% од испитаниците одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар.
Истражувањето, како што велат од Институтот за истражување на политики и добро владеење – Скопје, било реализирано на репрезентативен примерок од 1 050 испитаници со што се запазени репрезентативните карактеристики на населението.