Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска повика на притисок врз САД да ја запрат израелската офанзива во Газа, истовремено нагласувајќи дека нема да има договор се додека Вашингтон смета дека Газа не е палестинска територија.
„Треба да разговараме со Египет и со земјите од Заливот и да извршиме притисок врз САД“, им кажал Ердоган на турските новинари во текот на летот од самитот во Ријад.
Според него, САД треба да го зголемат притисокот врз Израел.
„Западот треба да го зголеми притисокот врз Израел… За нас е од витално значење да постигнеме прекин на огнот. Најважната земја која мора да биде вклучена е САД, која има влијание врз Израел“, рекол турскиот претседател.
Ердоган рече дека нема да му се јави на американскиот претседател Џозеф Бајден.
„Не можеме да се согласиме со Бајден ако тој ја смета Газа за земја на окупаторските доселеници или на Израел, а не земја на палестинскиот народ“, навел тој.
Според него, Европската унија мисли потполно исто како Израел за Хамас.
„Но, ние не размислуваме како нив. Верувам дека Хамас е политичката партија која победи на изборите во Палестина. Не ги гледам работите исто како што гледаат тие“, додал турскиот претседател.
Лидерите на арапските и муслиманските земји ги осудија „варварските“ акции на израелските сили во Газа на самитот во Ријад во саботата, но се воздржаа од најавување казнени економски и политички мерки против Израел.
Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври со напад на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.200 луѓе, а над 240 беа земени како заложници, според израелски извори. Израел одговори со општ напад на појасот Газа во кој, според извори на Хамас, загинале околу 11.000 луѓе.