Претседателот Стево Пендаровски заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска присуствуваа на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина ,,13 Ноември “- Скопје.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека за да ја исполни својата вистинска улога, македонскиот систем за социјална и здравствена заштита треба да учи од добрите примери и практики, а за тоа не треба да одиме подалеку од специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември”.
„Јадрото на болницата сте вие, докторите, медицинските сестри и техничари, негуватели, лаборанти, физиотерапевти, социјални работници и другите вработени посветени на својата работа, кои имате јасна слика за вашата улога во животот на пациентите. Со вашиот професионализам и пожртвуваност, вие сте чувари на добробитта на пациентите и нивните семејства, а со тоа и на репутацијата на оваа здравствена установа градена со години”, нагласи претседателот Пендаровски.
ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина ,,13 Ноември “- Скопје е единствена јавна здравствена установа во Република Северна Македонија која работи во полето на геријатриската и палијативната грижа. Установата има за цел да ја следи состојбата, да проучува, евалуира, известува и планира проекцијата на идните здравствени потреби и функционалните онеспособености на старите лица во институција и надвор од институцијата.