Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска информира дека последната одлука на партиското раководство на партијата е на претстојните избори да настапат самостојно. Сепак тој истакна дека постојат дилеми околу останувањето на партијата во владејачкото мнозинство.
За состојбите во коалицијата, тој напомена дека не се видел со премиерот Димитар Ковачевски откако беше одбиен предлог-законот на министерот за правда Кренар Лога за амнестија и очекува тоа да биде деновиве.
Таравари потврди дека имал контакти со албанската политичка опозиција и дека засега нема да го ослободат местото во ДИК, бидејќи како што кажа, доколку одат во опозиција, тоа место им припаѓа.
-Дефинитивно, Алијанса за Албанците нема да оди со ДУИ со заеднички листи и тоа му го повторив на последната средба на Ахмети. Се подготвуваме за самостоен настап и го мобилизираме членството. Тоа е мој и став на претседателството, а дали ќе се смени, тоа ќе биде јасно по седница на највисокиот орган на партијата, рече Таравари.