Поради напукнат бетонски столб на мостот на Црна Река, извесни се промени во железничкиот сообраќај на пругата Гевгелија-Велес. Центарот за управување со кризи (ЦУК) излезе со информација од „Македонски железници“ дека од вчера во 15 часот и 25 минути е во прекин железничкиот, патничкиот и товарниот сообраќај меѓу станиците Кукуричани и Градско (кај Стоби).
Патувањето сепак се одвива со „премостување“ – со автобуски превоз. Од Скопје возовите ќе сообраќаат до Градско, додека од Гевгелија ќе сообраќаат до Криволак. Од наведените железнички станици – Градско и Криволак, патниците се превезуваат со автобуски превоз.
Од ЦУК напоменаа и дека денеска на терен ќе бидат испратени стручни лица од Градежниот факултет во Скопје за да ја проценат состојбата. Нивната инспекција ќе даде вредни сознанија и ќе помогне да се утврдат неопходните мерки за фиксирање на напукнатиот столб на мостот на Црна Река.
Експерти од Градежниот факултет во Скопје, во текот на денешниот ден планирано е да излезат на терен, за да извршат увид на состојбата, соопшти ЦУК.