Поддршката на Украина е наша морална и стратешка должност. Во ЕУ едногласно сакаме испорака на хуманитарна помош за жителите на Газа, истакна претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред неговото денешно пристигнување во Загреб, пишува „Вечерњи лист“.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, започна консултации за новата стратешка програма на Европската унија и го избра Загреб како еден од четирите главни градови каде овие консултации ќе се одвиваат во групи од неколку премиери или претседатели на земји-членки.
„Идејата е да има многу интензивна и интерактивна дискусија, затоа предложив таа да се одвива во помали формати за да се разговара за иднината на Европската унија, стратешката агенда на ЕУ. Сите се согласуваме со фактот дека сме соочени со три големи и тешки предизвици во исто време“, изјави Мишел.
„Првиот се однесува на климатските промени, и тука се случува голема трансформација на нашата економска реалност. Второ, се соочуваме со импресивна технолошка револуција, не само во областа на зелените технологии, туку и во областа на вештачката интелигенција, која ќе има ефект врз нашите општества во однос на конкурентноста или во однос на безбедноста и одбраната. Трето, имаме се повеќе тензии, конфликти и војни во нашето соседство. Во овој контекст, лидерите се согласуваат дека мора да развиеме ЕУ со поголемо влијание низ целиот свет“, објасни тој.
Додаде дека се уште верува оти 2030 година треба да биде рок до кога и земјите кандидати и ЕУ треба да бидат подготвени за ново проширување.
„Проширувањето подразбира кандидатите да си ја завршат домашната задача, но и ние имаме своја домашна задача на страната на ЕУ. Не можеме повеќе да одложуваме. Проширувањето ќе остане процес заснован на заслуги, но со текот на времето ќе се погрижиме да напредуваме, исполнувајќи го нашето ветување. Време е да бидеме сериозни, да не одолговлекуваме“, вели Мишел во разговор со новинарот на „Вечерњи лист“, Томслав Краснец.