15-метарски крст на црковно земјиште на Попова Шапка ги вознемири политичките партии

од Nikola Popovski
272 прегледи

Претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка, каде што на црковно земјиште бил поставен крст висок 15 метри.

Тој истакна дека на Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне.

-Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност.

За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје.

Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот?, стои меѓу другото во објавата на Сотировски.

Од Демократската унија за интеграција велат дека поставувањето на крстот на Попова Шапка е договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА. Групата советници на ДУИ во општина Тетово побарале појаснување по ова прашање од градоначалникот Билал Касами.

-Демократската унија за интеграција смета дека поставувањето на крстот е сериозна провокација која ги нарушува вредностите на социјална кохезија и бара од институциите во државата да ги преземат сите неопходни институционални мерки за негово отстранување од Попова Шапка и казнување на оние кои дозволиле такво нешто, се додава во соопштението на ДУИ.

Општина Тетово предводена од лидерот на БЕСА, Биљал Касами, испрати соопштение до јавноста во кое вели дека општинските инспектори биле на терен за да ја проверат фактичката состојба и да извршат проценка, според која ќе бидат преземени законски мерки за гарантирање на целосно спроведување на правилата и процедурите.

-Општина Тетово сака да даде појаснување околу поставениот крст на Попова Шапка. Истиот е поставен без соодветна дозвола. Општина Тетово во овој случај ќе ги почитува сите законски процедури, како што тоа го правеше и досега, велат од Општина Тетово.

За случајот реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.

-Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи итна седница по повод притисоците на институциите предводени од ДУИ и СДСМ насочени кон кршење на Уставот и правото со кое се гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата на Македонците во Тетово. Сметаме дека неовластеното и спротивно на закон присуство на бројни државни институции во црквата Свети Наум Охридски на Попова Шапка е директен притисок насочен кон создавање на тензии помеѓу граѓаните, се вели во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово.

Црквата е изградена во 1993 година.

Слични содржини