Реакциите за 15 метарскиот крст во дворот на црквата на Попова Шапка не само што се претерани по сите основи туку се и израз на непочит, крајно лицемерие и двојни стандарди од страна на албанските политички фактори во Македонија, сподели денеска Стојанче Ангелов, лидерот на Достоинство и прв човек на ЦУК.
„Особено ако се земе во предвид дека живееме во период кога на Попова Шапка врие од бесправно изградени објекти, во период кога на Попова Шапка бесправно е изградена и четирикатна џамија со 20 метарско минаре, во период кога низ државата бесправно се изградија повеќе споменици, кули и „музеи“ на УЧК, некои од нив „украсени“ со карти на Голема Албанија, во период кога при пречек на високи гости од Косово се мавта со знамиња на Голема Албанија и знамиња на соседни држави без притоа да се истакне и македонското знаме, во период кога се заговара пуштање на химната на Албанија во училиштата во Македонија, конкретно во Тетово…
Убаво е да се зачува смиреноста, убаво е да не се наседнува на провокации но се поставува прашање што ќе биде следно ако не пружиме агресивен отпор од наша, македонска страна?
Затоа, ги предупредувам албанските политички фактори во државата, никако да не ги споменуваат зборовите “отстранување” или “рушење” во иста реченица со крстот на Попова Шапка.
Во спротивно, јас како граѓанин, со некои мои пријатели од 2001-та ќе организирам негова одбрана. А вие пробајте да го срушите“, сподели Ангелов.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами одговараше денеска на дел од новинарски прашања за тоа дали поставениот крст во рамки на црковниот двор е легално поставен и дали ќе се отстрани, на што Касами рече дека има подобра причина што се наоѓа на Попова Шапка.
– Јас сакам само една порака да испратам, тие што не сакаат да ги видат инвестициите на општина Тетово, тие гледаат причина да ја критикуваат општината, за предмети кои не се во надлежност на општината. На пролет ќе продолжат инвестициите во викенд населбата ќе се продолжи со отворањето на новиот пат, согласно нов урбанистички план овде ќе имаме еден туристички ресорт каде што ќе доаѓаат туристи од цела Европа и цел свет. Во урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти околу православниот верскиот објект и како и џамијата и придружните објекти околу муслиманскиот верски објект, истакна Биљал Касами на новинарските прашања.
Во викенд населбата целокупната патна мрежа која треба да се реконструира и постави асфалт изнесува 2500 метри. Предвидениот нов пристапен пат е со должина од четири километри.