Владејачката унгарска партија Фидес на својот 30-ти конгрес во саботата го реизбра за претседател премиерот Виктор Орбан, кој вети дека ќе се бори за неговиот модел на Европа и дека е подобро да се промени Европската унија отколку да се напушти.
„Унгарија разви модел на Европа заснован на нулта стапка на миграција, економија базирана на работа со целосна вработеност, силно семејство, ниски даноци и „разумна зелена транзиција“, рече тој во Конгресот.
„Мора да се спротивставиме на моделот на Европа за кој се залага Брисел“, рече Орбан оценувајќи дека таквиот модел е неодржлив и нема иднина.
„Брисел ја уништува Европа и ја води во смрт, секој ден ставајќи нов клинец во нејзиниот ковчег“, рече тој. „Нашата работа е да го спречиме тоа“, и затоа „мораме да бидеме обединети“, рече тој.
Унгарија мора да ја промени Европската унија, а не да ја напушти, „а тоа е можно само преку радикална промена во Брисел“, рече тој.
Моделот на Европа за кој се залага Брисел води кон хаос.
„Јавниот ред исчезнува, а последиците од миграцијата таму излегуваат од контрола“, рече тој.
Јавниот долг расте, а инвеститорите ги пласираат своите пари во Америка и Азија, рече унгарскиот премиер и ги обвини бирократите во Брисел.
Во 1990 година Европа сочинуваше 23 отсто од светската економија, а сега тој удел падна на 15 отсто.
„Не сакаме да бидеме робови на (Џорџ) Сорос (американски инвеститор со еврејско-унгарско потекло), не сакаме да живееме меѓу војни на банди, мигрантски гета и не сакаме Европа и Унгарија да станат музеи на отворено кои е убаво да се посетат, но немаат иднина, само минато“, рече премиерот, кој со години се претставува како бранител на христијанската, традиционална Европа.
Во петокот, унгарската влада започна нови „национални консултации“ со цел „да го одбрани суверенитетот“ на централноевропската земја наспроти различните позиции на Европската унија.
„Брисел сака да основа мигрантски гета во Унгарија. Што мислите за тоа?“ е едно од 11-те прашања во прашалникот објавен на Фејсбук страницата на унгарската влада.
Националистичкиот премиер го користи овој метод без правно дејство од 2015 година за да им даде легитимитет на своите ставови против ЕУ.
Покрај миграциската политика, Орбан „добива поени“ и на војната во соседна Украина, со која Унгарија има тензични односи.
Унгарија, иако е членка на НАТО, одбива да испрати воена помош за Киев и ги одржува врските со Москва. Будимпешта ја предупреди Европската комисија да не ги отвора пристапните преговори со Киев.