Путин: Односите меѓу Русија и Кина се на исклучително високо ниво

од Stefanija Kuzmanovska
226 прегледи

Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг позитивно ги оценија односите меѓу двете земји, нагласувајќи дека сакаат да продолжат да ја развиваат соработката со цел да придонесат за зголемување на стабилноста во светот. Двајцата лидери испратија пораки до учесниците на дијалогот „Партија Обединета Русија – Комунистичка партија на Кина“.

Во телеграмата објавена на веб-страницата на Кремљ, Путин наведува дека односите меѓу Русија и Кина се на исклучително високо ниво.

„Руско-кинеските односи на сеопфатно и стратешко партнерство се на исклучително високо ниво. Се реализираат големи заеднички проекти во економската, сообраќајната, енергетската, хуманитарната област, како и во други сфери. На билатерална основа, како и во форматите на SCO, BRICS и другите мултилатерални структури, Москва и Пекинг ги координираат напорите за решавање на најважните меѓународни проблеми, придонесувајќи за изградба на поправеден и подемократски светски поредок“, се вели во телеграмата.

Во својата порака, која ја пренесе кинеската централна телевизија, Си Џинпинг потсети дека следната година ќе се навршат седум и пол децении од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Москва и Пекинг.

„Кина е подготвена да соработува со Русија со цел, искористувајќи ги историските трендови, цврсто да ги развива руско-кинеските односи врз основа на вечното добрососедство, сеопфатна стратешка соработка за заедничка корист, како и да придонесе за развој и подигнување на секоја од страните и да донесе поголема стабилност и позитивна енергија во светот“, се вели во пораката на Си Џинпинг по повод десеттата средба на водечките партии на двете земји.

Слични содржини