Се уште нема ништо околу предлогот на назначената работна група за намалување на платите на функционерите. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска информираше дека министерот за информатичко општество не бил во земјава деновиве, но дека наскоро ќе се состанат повторно за да се предложи решение.
Битиќи очекува разврска до крајот на ноември, со цел евентуалните измени на законот да бидат изгласани во Собрание до крајот на годината.
-Парите што ќе останат, ќе ги вратиме на пензионерите, студентите и на сите останати што повеќе им се потребно од одредени функционери, кажа вицепремиерот.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека работна група го подготвува најдоброто решение за платите на функционерите. Според премиерот, оваа група треба да го земе предвид трудот на секој што го дава при извршувањето на работните активности. Напротив, Ковачевски вели дека е можно да се оди во спротивна насока, земајќи пример од минатото каде секретарот на АЕК имал поголема плата од државните функционери.
Од 21 март со одлука на Уставниот суд пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми имаат зголемена плата до 78 проценти. Освен министрите, поголеми плати имаат и претседателот на државата, судиите, обвинителите, пратениците, градоначалниците, директорите на државните и на јавните претпријатија.