Маричиќ: Со ИПА фондовите го зајакнуваме капацитетот за управување и намалување на ризиците од загадување на животната средина во Ѓорче Петров

од Nikola Popovski
206 прегледи

Заменик на Претседателот на Владата за Европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска денес беа на посета во три локалитети во Општина Ѓорче Петров: Центарот за култура, објектот „Сонце” од градинката „Росица” и прочистителната станица во село Орман.

„Владата на Република Северна Македонија инвестира во иднината и подеднакво се грижи за сите граѓани на Северна Македонија. Со европски средства, преку Инструментот за претпристапна помош односно со ИПА фондовите, вложивме и во општина Ѓорче Петров, со што се решава еден многу важен проблем со кој со години наназад се соочуваат жителите на селото Орман, градот и околината, и кој директно влијае на подобрување на условите за живот и животната средина„ – изјави вицепремиерот Маричиќ.

„Загадените подземни и површински води, како и предизвиканата контаминација на почвата, ги нарушуваат постоечките норми за безбедност на храната и квалитативните норми за производство на здрави и безбедни земјоделски производи. Со реализација на Пилот интервенции за третман на отпадни води и управување со цврст отпад во прекуграничниот регион и со градењето на колекторот за отпадни води во село Орман, општина Ѓорче Петров, го зајакнуваме капацитетот за управување и намалување на ризиците од загадување на животната средина. Со овој проект го решаваме проблемот на одлагање на комунален отпад и канализација на жителите на селото Орман и со тоа директно влијаеме на намалување на загаденоста на водата, почвата и храна – рече вицепремиерот Маричиќ на денешниот настан во Орман, Ѓорче Петров.

Маричиќ додаде дека оваа инвестиција е една од многуте кои се реализираат со финансиски средства од Европската Унија, и кој овозможуваат да ги користиме придобивките кои ги имаат земјите членки уште пред нашето зачленување во Европската Унија.

Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека со полноправното членство во Унијата до 2030 година, сите овие придобивки и можности многукратно ќе се зголемат. Сега е моментот да ја зграпчиме понудената шанса и да продолжиме цврсто и сигурно по тој пат.

Слични содржини