Израелската влада синоќа го одобри договорот за ослободување на 50 заложници кои ги држи Хамас во замена за повеќедневен прекин на огнот.
„Тајмс оф Израел“ пишува дека Израел верува дека Хамас потенцијално би можел да ослободи уште околу 30 мајки и деца и дека четиридневниот прекин на огнот би можел да биде продолжен за уште еден ден на секои 10 ослободени израелски заложници.
Целосните детали за договорот не се официјално објавени, но претставник на израелската влада на брифинг со новинарите изјави дека според договорот се очекува да бидат ослободени 50 израелски граѓани, главно жени и деца, во групи од 12-13 лица дневно.
Израел објави список на Палестинци кои би можеле да бидат ослободени
Израел денеска објави список од 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени, според договорот меѓу Израел и Хамас.
Списокот, објавен на веб-страницата на израелското министерство за правда, вклучува имиња, возраст и кривични дела на оние кои се подобни за ослободување, јавува Би-Би-Си.