Што ни порача Столтенберг: „Да ги јакнеме внатрешните капацитети на државата, ќесето на одбраната ќе треба да се одврзе повеќе“

од Nikola Popovski
408 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во Скопје ја завршува својата балканска турнеја, која ја започна во неделата во БиХ. Заблагодарувајќи му се на Скопје за лидерството и посветеноста на НАТО, Столтенберг истакна дека Македонија е „општество и земја со успешна мултиетничка структура“. Тој посочи дека земјава е високо ценет сојузник, а тоа го докажува фактот што денеска во главниот македонски град се одржа неформален состанок на лидерите на НАТО сојузниците од регионот. Тој исто така порача дека Алијансата не гледа воена закана од Русија против кој било сојузник на НАТО или регионот. Сепак во неговото обраќање од Собранието, ја охрабри земјата постојано да работи, „како што работевте за членството во НАТО, и да го комплетирате вашето патешествие кон срцето на европското семејство“.

Што ни порача Столтенберг?

Столтенберг согласно рутината на секој генерален секретар на НАТО ги посетува на одреден период сите држави-членки на Воената алијанса. Според универзитетскиот професор и дипломат од кариера, Нано Ружин ова е можеби и посета на збогување бидејќи наскоро му завршува мандатот. Како и да е, вели поранешниот амбасадор во Нато, генсекот даде одредени пораки кои што се резултат на новата геополитика на Алијансата во однос на војната на Украина, но и подготвеноста на земјите-членки што повеќе да инвестираат во својата безбедност, да ја зголемата стапката на инвестиции во опремување на армиите.

Нано Ружин

-Овој процес на јакнење на државата-членка и нејзините одбранбени капацитети е резултат на фактот што Европа мора на извесен начин да го држи нивото на инвестиции со САД. Знаеме дека ова прашање на највисоко ниво го подигна екс-претседателот на Америка, Доналд Трамп, а денеска продолжува да ги јакне позициите на државите-членки во смисла дека тие се должни да инвестираат 2% од нивниот БДП за одбраната. Со оглед дека живееме во едно напнато меѓународно опкружување, разбирливо е дека членките се во фаза на прегрупирање и јакнење на нивните капацитети. Пораката е таа: да ги јакнеме внатрешните капацитети на државите, прецизира Ружин.

Се согласува дека земјава е гарант на безбедноста и стабилноста на регионот бидејќи вели претходно бевме ризик за безбедноста на ЗБ и стабилноста на регионот.

-Откако влеговме во НАТО извезуваме стабилност во блиското опкружување, нашите позиции со Србија и Косово се најдобри од сите соседи што ги имаат. Тоа е голем придонес бидејќи денес ако следите се што се случува меѓу двете држави, Охридскиот договор меѓу Приштина и Белград постојано се повторува како основа на надминување на проблемите. Тоа е сосема во ред да се пофалиме дека С. Македонија придонесува во регионалната безбедност и стабилност, порачува Ружиун.

Столтенберг не пропушти да даде одредени идеи околу членството на земјата во ЕУ, додава соговорникот, и во оваа смисла секоја форма на интегрирање во унијата е поен плус и за НАТО, ЕУ и за државата. Затоа се очекува според него, дека земјите од регионот за една деценија би требало да бидат членки на Унијата.

-Тоа не е само прашање на трендови, туку и за безбедносни аспекти и димензии. Една земја што е членка на НАТО и ЕУ, е дел од семејството што е солидарно и заедно придонесува во надминување на безбедносните и останатите елементи што го чинат регионот постабилен. Ако анализираме од глобален аспект, можеме да видиме дека ова беше настан кој што е еден вид комплимент за Владата оти нашата држава беше домаќин на неформалниот состаок на лидерите на НАТО сојузниците од регионот. Во таа насока, можеме да ги поделиме целокупните димензии на посетата на три дела – прво е прашања кои се врзани за глобалната позиција на земјите од ЗБ кон кризата во Украина и Блискиот Исток, второ односот на НАТО во однос на прашањето на стабилноста и безбедноста и решавањето на проблемот меѓу Белград и Приштина и трет дел е поединечниот однос и придонес на државите-членки на Алијансата кои мораат да го зголемат својот придонес во зголемувањето на буџетот кон обврските кон НАТО, оценува Ружин.

Од друга страна, професорот по безбедност и поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Александар Нацев смета дека посетата на генералниот секретар на НАТО покажува дека ние како држава сме ценет сојузник во НАТО и како и на секоја друга членка, ни се придава на важност и значење, со тоа што придонесуваме во Алијансата. Одвојувањето на 2% од БДП за одбраната за нас е декларирана работа и полека Министерството за одбрана се движи кон тој буџет, додава тој во разговор за „Локално“.

Александар Нацев

-Процентот ќе се стигне во следните години. Интересно е што очекувањата на НАТО се дека одвојувањето на буџетот за одбраната треба да надмине и над 2% – тоа беше еден од заклучоците на последниот самит. Очекувам дека и во иднина ќе има притисок од НАТО дека тој Буџет треба да се зголемува, тврди професорот.

Во однос на пораките на Столтенберг, Нацев смета дека се очекувани пораки од тој што ја води Алијансата кон земја-членка.

-Изјавата на Столтенберг дека Македонија е гарант на безбедноста во регионот може да се толкува и како политизирање на посетата и давање на поголемо значење. Ова е една од редовните рутински посети кои еден генерален секретар ги прави во земјите кои што се членки. Не треба да се политизира посетата туку треба да се гледа низ призмата како редовна посета, на која се разговарало за секојдневни работи кои НАТО треба да ги заврши и на кои ние треба да дадеме придонес, посочува соговорникот.

И НАТО и ЕУ се наши стратешки цели – едната ја постигнавме, кон другата не одиме така лесно, анализира Нацев. Според него, маглива е перспективата дека во ЕУ ќе има проширување до 2030 година бидејќи очигледно дека најнепопуларен збор во Унијата во моментов е „проширување“.

-Брисел се уште го бара тој компас на самостојно функционирање и внатрешно реформирање на ЕУ  изатоа доаѓаат сите тие иницијативи кои генерално се од Французите. Тешко дека ќе се случи наше приклучување во ЕУ до 2030, гледајќи ги примерите од останатите земји кои што се пред нас во тие преговори. Во секој случај, добро доаѓаат охрабрувачките пораи од Столтенберг, но ние мораме да си ја завршиме нашата домашна работа – да излеземе од дупката на криминал и корупција, што се потврдува со последниот извештај на ЕК. Не можете да ги лажете, тие гледаат што се случува тука, потенцира професорот.

Н.П.

Слични содржини