Примирјето меѓу Израел и палестинското движење Хамас, кое беше постигнато со посредство на Катар, треба да стапи на сила денеска во 10 часот по локално време.
Високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, вчера изјави дека договорот за привремено примирје и размена на заложници ќе стапи на сила во 10 часот, што подоцна го потврди и висок израелски функционер, кој побара да остане анонимен.
Вчера израелскиот кабинет официјално ја објави одлуката за прекин на огнот со Хамас, наведувајќи дека прекинот на огнот ќе биде ограничен на 10 дена од првото ослободување на заложниците.
Во соопштението се наведува дека договорот ќе овозможи ослободување на приближно 50 заложници, од околу 240-те луѓе киднапирани за време на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, пишува The Times of Israel.
Одлуката на израелската влада обезбедува рамка за договор кој вклучува три анекси: препорака од советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, доверлив документ презентиран во кабинетот, но не објавен, и листа од 300 палестински затвореници кои се подобни за ослободување според договорот.
Според одлуката, сите 300 палестински затвореници ќе бидат ослободени само под услов 100 живи заложници, израелски државјани или жители, да бидат ослободени од Газа и вратени во Израел.
Во првата фаза, Израел ќе ослободи 150 палестински затвореници кога 50 заложници ќе бидат вратени во Израел.
Првата фаза ќе се одвива во четири чекори, а најмалку 10 заложници ќе бидат ослободени последователно.
Во втората фаза, Израел ќе ослободи дополнителни 150 палестински затвореници под услов 50 дополнителни заложници да бидат вратени во Израел, со иста динамика како и во првата фаза.