ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот Стево Пендаровски дека „мандатот го помина во озборување и погрешни прогнози, а не во суштинска работа“. Според партијата на Христијан Мицкоски, Пендаровски не ставил ниту едно вето на било кој штетен закон во Собранието.
-Пендаровски е човек без сопствен кредибилитет и дигнитет. Наместо претседател на сите граѓани, тој се претвори во локален озборувач и коментатор на состојбите во државата без притоа да употреби било каква ингеренција и преземе иницијатива за подобрување на состојбите. Се однесува како главен на селска чешма. Во интервју озборуваше како знаел многу порано за војната во Украина, но поразително е што како власт и претседател не преземаа ништо за спречување на негативните последици од војната, инфлацијата, бранот поскапувања и ред други работи, кои се докажаа дека се пред се стимулирани од домашната неспособност на власта да се справи со предизвиците, велат од „Белата палата“ и додаваат дека Пендаровски не треба повеќе да биде шеф на државата.